Затнато носе кај новородени и кај доенчиња
стручен соработник, спец. д-р Николина Здравеска, ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести, Оддел за неонатологија
стручен соработник, спец. д-р Николина Здравеска
ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести
Оддел за неонатологија
Назалната опструкција или затнатото носе кај новороденчињата и кај доенчињата претставува многу значајна клиничка состојба и една од најчестите причини за загриженост на родителите и за потреба од педијатриска консултација. Иако назалната конгестија, вообичаено, не е сериозна, треба да биде препознаена, навремено дијагностицирана и ефикасно третирана.
Новороденчињата и младите доенчиња дишат исклучиво преку нос, како резултат на одредени разлики во анатомските пропорции во усната празнина во однос на поголемите деца. Имено, кај новороденчињата јазикот значително ја исполнува усната шуплина и неговата цела должина е во контакт со тврдото и со мекото непце, оставајќи притоа тесен отвор помеѓу епиглотисот (непчената ресичка) и мекото непце, со што особено се отежнува дишењето преку уста. На возраст од околу 6 месеци, со брзиот раст на доенчето, мекото непце и епиглотисот се разделуваат овозможувајќи послободно дишење преку уста.
Со оглед на тоа што дишењето на оваа возраст е преку нос, секое дишење преку уста кај новороденчето е знак на горнореспираторен проблем. Тоа, несомнено, предизвикува промена во расположението кај доенчето, проблеми при хранењето и проблеми при спиењето.
Во најголем број од случаите кај новороденчињата и кај доенчињата, затнатото носе настанува како резултат на комплетна назална опструкција, најчесто поврзана со неонатален ринитис, со горнореспираторна инфекција или со евентуална алергиска манифестација.
Неонаталниот ринитис претставува воспаление или инфламација на носната слузница кај новороденчето, поврзана со назална опструкција или со назална секреција. Во најголем процент е предизвикан од инфективен вирусен причинител, што најчесто резултира со негативни микробиолошки брисеви. Огромен број вируси може да предизвикаат ринитис и тоа најчесто: риновирусите, инфлуенцата, параинфлуенцата, респираторниот синцициелен вирус и аденовирусот. Во отсуство на инфективен причинител, секако, треба да се помисли на можен алергиски тригер, било да се протеини на кравјо млеко, домашен прав, животни итн, на што, секако, ќе ни укаже и позитивната анамнеза за алергии/астма во семејството или асоцијацијата со екцем кај доенчињата.
Новороденчето со ринитис има затнат нос или зголемен секрет (течење на носето), вообичаено е многу вознемирено, дише гласно, не може да цица/пие од шише и не може мирно да спие.
Вообичаено, назалната опструкција може да се третира со едноставни мерки во домашни услови од страна на родителите, но во одредени случаи може да биде и знак на сериозен медицински проблем.
Третманот опфаќа редовна тоалета на носната шуплина, и тоа истовремена аспирација со назален аспиратор и навлажнување со изотоничен (0,9 %) солен спреј (не капки). Може да се повторува повеќепати во текот на денот, особено пред хранење. Бебето треба да е во исправена, полуседечка позиција при аспирацијата, по што нежно се прска од спрејот во секоја ноздра по еднаш до двапати.
Назалниот солен раствор е достапен во различни концентрации и формулации на сол, а буферираните алкалинизирани раствори (рН 6,5-8,7) се значително поефикасни. Имаат единствено, топично (локално) дејство на носната слузница, го чистат вишокот слуз (секрет), ја намалуваат конгестијата и го олеснуваат дишењето.
Mетодот на истовремена назална аспирација и иригација со физиолошки раствор е докажано безбеден и ефикасен во голем број студии и се препорачува како третман за назална опструкција кај бебиња со вирусни горнореспираторни инфекции за превенција од комликации, првенствено од акутен отитис медија (воспаление на средното уво).
Секако, неопходна е медицинска помош и итен педијатриски преглед во случај кога новороденчето или доенчето има покачена температура, изразена кашлица, забрзано дишење (кај новородени повеќе од 60 респирации во минута, кај доенчиња повеќе од 45 во мин.), одбива храна, силно е вознемирено, реагира болно на допир на увото, секретот во носето станува жолто-зелен или, пак, кога однесувањето му е невообичаено.
Секако, во случај на неподобрување на симптомите или на нивно постоење од самото раѓање, диференцијално дијагностички треба да се исклучи сериозна патологија, како на пример хоанална атрезија/стеноза, постоење интраназална маса (дермоидна циста, енцефалоцела итн.), септална девијација, примарна цилијарна дискинезија, примарен имун дефицит итн.
Генерално, назалната конгестија е честа состојба кај бебињата, предизвикана од различни фактори на околината. Вообичаено се третира успешно во домашни услови, а е неопходна итна консултација со педијатар доколку е доенчето дехидрирано или доколку забрзано и тешко дише.
Литература:
1. Roberts G, Xatzipsalti M, Borrego LM, Custovic A, Halken S, Hellings PW et al. Paediatric rhinitis: position paper of the European Academy of Allergy and Clinical Immunology. Allergy 2013;68:1102-16.
2. Chirico G, Beccagutti F. Nasal obstruction in neonates and infants. Minerva Pediatr 2010;62:1-10.
3. Chirico G et al. Nasal congestion in infants and children: A literature review on efficacy and safety of non-pharmacological treatments. Minerva Pediatrica .2014;66(6):549-57
4. Jeffe JS, Bhushan B, Schroeder JW Jr. Nasal saline irrigation in children: a study of compliance and tolerance. Int J Pediatr Otorhinolaryngol 2012;76:409-13.
5. Chusakul S, Warathanasin S, Suksangpanya N, Phannaso C, Ruxrungtham S, Snidvongs K et al. Comparison of buffered and nonbuffered nasal saline irrigations in treating allergic rhinitis. Laryngoscope 2013;123:53-6.